Сите инволвирани во „Титаник“ и други предмети да се повлечат од политиката, Мицкоски да поднесе оставка, бара владејачкиот СДСМ откако дел од обвинетите за овој предмет признаа вина пред судот.
Според СДСМ, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и раководствотo на партијата мора да си поднесат оставка.
„Врхушката на ВМРО ДПМНЕ, клучните играчи на осудениот криминалец Никола Груевски, признаа дека ја користеле моќта и противзаконски влијаеле на избирачко право, непријавувале извори на финансирање на партијата и користеле недозволени средства за изборните кампањи. Не само што 11 години ја фалсификувале волјата на граѓаните и направиле изборен криминал туку го злоуппотребиле и парите на народот. Христијан Мицкоски кој му беше советник и генерален секретар на Никола Груевски треба да се извини, да поднесе оставка и да побара враќање на парите кај народот. Покрај Мицкоски, сите инволвирани во Титаник и други предмети треба да се повлечат од политиката, како Милошоски, Јанушев и многу други“, порачаа социјалдемократите преку соопштение.
Од оваа партија додаваат дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е сменето, а „двоецот Мицкоски – Груевски е без принципи, без морал“.