СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ не се менува, се уште дејствува опасно по здравјето на граѓаните

пред 3 години

Матрицата на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски од самиот старт на пандемијата останува иста – продолжуваат да дејствуваат опасно по здравјето на граѓаните и здравствениот систем, стои во писменото соопштение од владејачката СДСМ.

Во него тие напоменуваат дека ВМРО-ДПМНЕ како што велат беа првите што ги прекршија сите мерки за заштита, се потсмеваа на болните од коронавирусот, поддржуваа антиваксерски протести, но затоа ја користат секоја можна прилика да водат црна кампања против министерот за здравство Венко Филипче, да шират невистини за масовноста на имунизацијата и да ја вознемируваат јавноста заради ситни политички поени.

„Неодговорното ВМРО-ДПМНЕ кое, за жал, ниту еднаш не покажа грижа за здравјето на народот е најмалку повикано да зборува за каква било состојба со коронавирусот. Ниту една лажна вест на ВМРО-ДПМНЕ за масовноста на вакцинацијата не може да го оспори фактот дека имунизацијата се спроведува со засилено темпо, а бележиме и значително намалување на бројот на заразени со коронавирусот. Како одговорна власт заедно со надлежните институции континуирано апелираме на вакцинација, бидејќи вакцините се безбедни и се единствениот начин да се победи пандемијата“, се нагласува во напишаното од страна на СДСМ.

Додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запаметена дека во време на пандемија застана на страната на вирусот, наместо на страната на здравствениот систем и граѓаните.

Share
Scroll to Top