СДСМ: И покрај сериозноста на ситуацијата, состојбата е под контрола и никој нема да остане без здравствена нега

пред 4 години

Во време кога есенскиот бран на пандемијата со коронавирусот е во полн налет, бројот на инфицирани расте, болничките капацитети се полнат, а здравствените работници се преморени, важно е сите да покажеме одговорност за сопственото и за јавното здравје, велат од СДСМ.  И покрај сериозноста на ситуацијата, додаваат од партијата, состојбата е под контрола и никој нема да остане без здравствена нега.

„Сега е неопходно сите граѓани доследно да ги почитуваат мерките и задолженијата за заштита од коронавирусот. Само на тој начин, заедно можеме да ја намалиме трансмисијата на вирусот и да го заштитиме јавното здравје“, велат од партијата.

Од таму велат дека парламентарното мнозинство предводено од СДСМ и покрај обидите за опструкции од ВМРО-ДПМНЕ, ги донело измените на Законот за заштита на населението од заразни болести.

Со овие измени, велат од СДСМ, стапуваат на сила новите мерки, коишто се имплементирани во цела Европа и гарантираат повисок степен на заштита и намалување на ширењето на коронавирусот.

Мерките предвидуваат носење маска на отворено, групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22 часот е забрането, а угостителските објекти затвораат во 23 часот.

Исто така, преполовен е капацитетот на патници во јавниот превоз и важи препораката, ако е можно да се работи од дома, онлајн.

„Инспекциските служби имаат поголеми ингеренции, а непочитувањето на мерките се казнува. Самоизолација од моментот на закажување на тестот до добивање на резултатот е задолжителна, а во случај тестот да биде позитивен на вирусот ковид-19, лицето останува во изолација. Со новите мерки е уреден и начинот на лекување на лица заболени од ковид во приватни установи. Интернисти од приватното здравство се спремни да учествуваат во работата во клиниките и болниците не само во Скопје туку и низ државата“, велат од СДСМ.

Share
Scroll to Top