Скопското обвинителство поведе истрага против италијански државјанин за четири разбојништва

пред 4 години

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за истражна постапка против 30-годишен италијански државјанин кој живее во Скопје, за кого постои основано сомнение дека извршил четири разбојништва.

На 6 ноември тој влегол во книжарница на булеварот „Партизански одреди“ и со нож се заканил на вработената, барајќи да му даде пари. Исплашена за својот живот, оштетената од касата на книжарницата извадила 9.500 денари кои му ги дала на осомничениот, кој потоа избегал. Истиот ден, на улица „Московска“ во аптека и се заканил на вработената со нож и ги побарал парите од касата, но таа започнала да вика и го стиснала паник-тастерот. Во тој момент осомничениот избегал од местото, не успевајќи да ја реализира намерата за противправно одземање туѓи предмети.На 9 ноември на сличен начин, заканувајќи им се со нож на вработените, осомничениот одзел 2.000 денари од продавница за играчки на булеварот „Партизански одреди“.

На 14 ноември, во маркет на улица „Букурешка“ го вперил ножот кон една вработена, заканувајќи и се дека ќе ја повреди ако не му даде пари. Оштетената му ја отворила касата, од каде тој самиот одзел 10.600 денари и избегал.
На истиот начин, на 16 ноември, осомничениот противправно присвоил 6.525 денари од бутик за долна облека на булеварот „8-ми Септември“.

„Бидејќи постојат околности кои упатуваат на можност осомничениот да се даде во бегство, да ги сокрие трагите на кривичното дело, да влијае врз сведоците/оштетените или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена“, соопшти обвинителството.

Share
Scroll to Top