Според министерката за образование и наука Мила Царовска, отворањето на обновената Спомен-соба на Крсте Мисирков претставува значаен настан не само за Институтот за македонски јазик, чиј патрон е Мисирков туку за целата држава.
„На овој начин се покажува и почитување кон неговото дело, но исто така и вложување во грижата и негувањето на македонскиот јазик и сите оние што придонеле за денешницата“, рече Царовска, на промоцијата на музејската поставка за животот и делото на Мисирков, основоположникот на првата стандардизација на македонскиот јазик.
Министерството за образование и наука финансиски ја поддржа иницијативата на Институтот за македонски јазик за реставрирање и подновување на Спомен-собата на Мисирков, а кон идејата се приклучи и Градот Скопје.
„Дополнително, за да ја зголемиме грижата за македонскиот јазик и за наставници кои ќе го предаваат македонскиот јазик и ќе го истражуваат и проучуваат, годинава за прв пат обезбедивме и 15 стипендии за студенти што студираат на Катедрата за македонски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. МОН продолжува со политиките кои се во насока на негување и изучување на македонскиот јазик“, нагласи Царовска.
Директорката на Инстититутот, Елена Јованова-Грујовска, потсети дека ова е година во која се одбележуваат 95 години од смртта на Крсте Мисирков, 100 години од раѓањето на Благоја Корубин, еден од основачите на Институтот и во годината на чествување на Блаже Конески.
„Мисирков во книгата „За македонцките работи“ ги постави основите на правата стандардизација на македонскиот јазик, Конески ги реализира идеите за современа македонска азбука, правопис и институционална кодификација на македонскиот јазик“, рече Јованова-Грујовска.
Спомен-собата на Мисирков содржи документи и фотографии, дел во електронска форма, кои сведочат за животот и образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик. Посебно место во поставката зазема книгата „За македонцките работи“, објавена во 1903 година.