Царовска: Остануваме на настава со физичко присуство, состојбата со Ковид-19 во училиштата е стабилна

пред 3 години

Министерката за образование Мила Царовска оценува дека состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна и токму поради ваквиот факт како што дополни, во најдобар интерес на учениците е училиштата да останат отворени.

„Состојбата со коронавирусот во училиштата е стабилна и сѐ додека е така остануваме на првото сценарио – настава со физичко присуство. Доколку има каква е да е промена или загрозување, тогаш во координација со Комисијата за заразни болести и со Министерството за здравство ќе имплементираме други сценарија. Но засега сѐ укажува дека состојбата е стабилна и дека учениците се безбедни во училиштата“, изјави Царовска.

Над 75 отсто од наставниците се вакцинирани, додаде министерката а од почетокот на учебната година до денеска, како што кажа, нема надминување на 0,3 проценти позитивни и активни ученици во основно и средно образование, а на дневно ниво нема надминување на 0,03, односно процентот се движи од 0,01 до 0,03.

Проценката на Министерството за здравство, како што рече Царовска, покажало контрола на епидемијата во училиштата, што, според неа, укажува дека мерките се почитуваат и протоколите се добро дизајнирани и добро се спроведуваат.

„Секако, како и минатата година, и оваа година ја следиме состојбата на дневно ниво. Токму затоа, сѐ додека состојбата со коронавирус е стабилна во училиштата, ќе го предлагаме моделот со физичко присуство. Ако Комисијата за заразни болести и МЗ алармираат дека има други закани по здравјето на учениците поврзани со Ковид-19, тогаш, секако, ќе преземеме други мерки и ќе дискутираме за други сценарија“, рече Царовска.

Во однос на барањето од Прогресивниот синдикат за образование при ССМ за да им се дозволи на наставниците на наставничките совети сами да може да одлучуваат за моделот на настава – физичко присуство или онлајн од 1 декември до 31 март, поради сезоната на грип, состојбата со Ковид-19, Царовска одговори дека поради стабилната состојба со коронавирус во најдобар интерес на учениците е училиштата да останат отворени.

Share
Scroll to Top