Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, денеска учествуваше на дебата посветена на неформалната економија насловена „Препознавање и намалување на неформалната економија во Република Северна Македонија“, во организација на Министерството за финансии и УНДП и поддршка на Амбасадата на Република Словачка во нашата држава.
Министерката Шахпаска рече дека за обезбедувањето одржлив економски раст, повисок животен стандард и лојална конкуренција, неопходно е формализирање на неформалната работа. Притоа, се осврна и на предизвиците со кои се соочивме како држава поради пандемијата со Ковид-19, и шесте пакети финансиска поддршка на стопанството и граѓаните, со цел полесно премостување на кризата.
„Мора да признаеме дека не беше лесно да се креираат мерки кои ќе ги таргетираат вработените во неформалната економија, бидејќи во реалност тие не се дел од системот. И затоа многумина на потешкиот начин ја научија лекцијата што значи формализација на секое работно место, сигурност, извесност и заштита на работнички права. Како држава преземаме системски решенија кои даваат резултати и овозможуваат формализирање на неформалната економија“, рече Шахпаска.
Осврнувајќи се на Стратегијата за формализација на неформалната работа за периодот 2018-2022 година, потенцираше дека преку сеопфатен систем ефикасно се намалува неформалното вработување .
„Наша задача преку Стратегијата и преку ИПА-проектот – ‘Унапредување на условите за работа’ е да го поттикнеме создавањето формални работни места, да ја намалиме непријавената работа, но и да стимулираме поголема економска активност на жените на пазарот на трудот“, потенцираше таа.
Податoците од Државниот завод за статистика покажуваат пад на стапката на неформално вработување. Во периодот од 2011 година кога овој процент изнесувал 24.3%, во 2018 година процентот паѓа на 18,6%, а во 2020 година овој процент бележи намалување и изнесува 13.6%.
Најголемото намалување на оваа стапка е изразена кај младите работници на возраст од 15 до 24 години која од високи 46,9%, во 2011 година, се намалила на 18,9% во 2020 година. Неформалното вработување е позастапено кај мажите во споредба со жените, младите и повозрасните работници над 65 години, нискоквалификуваните лица и кај работниците ангажирани во земјоделството и градежниот сектор.
Според министерката новите решенија во Законот за работни односи, ќе обезбедат гаранција и за работниците и за работодавачите, особено со регулирање на сезонската работа.