Поранешниот англиски селектор, Швеѓанецот Свен-Горан Ериксон го оцени Гери Невил како „професионален плачко“, иако призна дека бил професионалец додека бил фудбалер.
46-годишниот Невил освои осум титули од Премиер лигата, два од Лигата на шампионите и три од ФА купот со Манчестер јунајтед, а играше и под Ериксон во англиската репрезентација. По пензионирањето во 2011 година и неуспешната тренерска кариера, Невил сега работи како ТВ-коментатор со поранешниот ривал Џејми Карагер.
Ериксон вели дека Дејвид Бекам го предупредил за однесувањето и ставовите на Невил.
„Гери Невил е професионален плачко за сите работи. Дејвид Бекам на еден од првите тренинзи со Англија ми кажа: ‘Шефе, не го слушајте. Тој е роден таков и ќе умре таков. Но, добар човек е и не го мисли тоа што го кажува’. Невил е професионален со тоа што го прави, но секогаш сака да има мислење, посебно ако е негативно. Соиграчите го почитуваа, иако никој не го слушаше“, вели Ериксон.