Кристијано Роналдо со неверојатен пост на Инстаграм одговори на сите шпекулации кои го поврзуваат со трансфер во Реал Мадрид, Пари Сен-Жермен и Манчестер сити, порачувајќи им на луѓето да „не се играат со неговото име“.
Последните неколку дена имаше многу шпекулации околу Португалецот – од тоа дека неговиот агент го понудил на Манчестер сити, до љубомората од тимот на ПСЖ и желбата да игра покрај Лионел Меси, до најавите за враќање во Реал, кои денеска ги демантираше тренерот на тимот, Карло Анчелоти.
ЦР7 одговори со долг пост.
„Секој кој ме познава е свесен колку сум фокусиран на мојата работа. Помалку зборување и повеќе акција, тоа е моето мото од почетокот на кариерата. Меѓутоа, откако ги видов работите кои беа кажани и напишани неодамна, морам да ја кажам мојата позиција. Повеќе од непочитувањето кон мене како фудбалер и човек, овие шпекулации покажуваат непочитување кон клубовите вклучени во шпекулациите, како и нивните фудбалери и тренери. Мојата приказна во Реал Мадрид е напишана, во зборови, трофеи, титули и наслови. Таа е во музејот на ‘Бернабеу’ и во умот на фановите. Покрај Шпанија, има и вести кои ме поврзуваат со клубови од различни лиги, без некој да се обиде да ја дознае вистината. Сега, кажувам да престанат да се играат со меото име. Посветен сум на кариерата и работата, и на сите предизвици кои се пред мене. Другото? Другото е само зборување“, вели Роналдо.