Поранешниот претседател на Интер, Масимо Морати признава дека е загрижен за иднината на клубот под водство на кинеската компанија „Сунинг“, а смета дека на Антонио Конте едноставно му недостасувала „емоционална поврзаност“ со клубот.
Интер најави драстично намалување на трошоците по фантастичната сезона во која ја освоија првата италијанска титула по една деценија, а и покрај тоа што добија дополнителен заем од американската „Оуктри капитал“, продолжуваат со кратењето на сите трошоци.
„Секако дека сум загрижен. Овие господа пристигнаа во Милано, потрошија многу и направија голем тим. Мора да се случило нешто сериозно во Кина за да дојде до ова кратење. Стивен Жанг сака да продолжи, но до кога? Има многу богати фанови на Интер, но тешко се даваат пари. Видов слични иницијативи за купување на клубот од навивачите во Германија и Шпанија, но правилата таму се поинакви. Суперлигата ќе беше излез од кризата за тие кои беа во нив, но сега ќе биде тешко да се оствари такво нешто“, вели Морати.
Тој исто така не е импресиониран од одлуката на Конте да замине.
„На Конте му недостасуваше емоционална поврзаност со клубот и желба за предизвик. Тој е професионалец, ја заврши работата, но очигледно не му значеше многу клубот“, објаснува Морати.