Сите фудбалери на Пари Сен-Жермен ќе добијат 24-часовно обезбедување на сметка на клубот по грабежите во домовите на Анхел ди Марија и Маркињос при 2:1 поразот од Нант во неделата.
Според „Л’Екип“, иако повеќето фудбалери од првиот тим имаат видео-надзор во своите домови, клубот смета дека тоа не е доволно и сам ќе ја поднесе сметката за безбедноста на нивните семејства.
Ди Марија беше заменет во текот на мечот со Нант, откако на тренерот Маурисио Почетино му беше соопштено дека има „насилен грабеж“ во неговиот дом во Париз. Втор грабеж, во домот на Маркињо се случил во текот на вечерта, а неговиот татко Маркос Барос Кореа добил повеќе удари од крадците. Килијан Мбапе и Нејмар, двете ѕвезди на ПСЖ, веќе имаат 24-часовно обезбедување на своја сметка, но сега клубот ќе ги покрива тие трошоци.
Обвинителите во Нантер потврдија дека крадците влегле во домот на Ди Марија во предградието Ноји-сур-Сен и дека однеле плен вреден 500.000 евра. Според „РМЦ“, семејството на Ди Марија било присутно во домот, а дел од француските медиуми тврдат дека тие биле заложници.
Ова не е првпат семејството на Ди Марија да биде цел на крадци, откако беше влезено во неговиот дом во Англија додека тој беше фудбалер на Манчестер јунајтед. Според англиските медиуми, тој во моментот вечерал со неговата сопруга Хорхелина Кардозо и со првородената ќеркичка.
Фудбалерите на ПСЖ подолго време се мета на криминалците – домот на Мауро Икарди бил ограбен во јануари за вредни работи од околу 500.000 евра, а оваа година на мета беше и голманот Серхио Рико, кој загуби околу 25.000 евра.