Играчот од средниот ред на Барселона, Серхи Роберто, беше меѓу главните актери и се истакна со гол во победата на каталонскиот тим над Реал Мадрид од 2:1 во синоќешното „Ел Класико“. Со оваа победа Каталонците во голема мера ја обезбедија шампионската титула, со оглед дека имаат 12 бода предност со исто толку натпревари до крајот на шампионатот.
По средбата, Серхи Роберто коментираше и за една од темите кои повторно креваат огромна врева во последните недели, за можното враќање на Лионел Меси на „Камп Ноу“. Тој изјави дека сите играчи сакаат тоа да се случи и се нетрпеливи за таков развој на ситуацијата, а односот на ПСЖ кон Меси е неправеден.
„Дали сме подготвени да го дочекаме враќањето на Меси? Со раширени раце. Кој не би очекувал да се врати? Но, на крајот на денот не сакам да зборувам премногу бидејќи тоа е нешто што треба да го решат тренерот и претседателот на клубот. Сепак, ние го играчите би го пречекале со раширени раце. Начинот на кој се однесуваат кон него во ПСЖ е неразбирлив за мене. Има добра сезона, постигна многу голови, многу асистенции, но сега го обвинуваат затоа што испаднале од Лигата на шампионите? Остава горчлив вкус во устата дека играч од вакво ниво може да биде третиран на таков начин“, изјави Серхи Роберто по натпреварот.
Огромен проблем за евентуалното враќање на Меси во Барселона остануваат финансиските проблеми на Каталонците кои се далеку од решени. Тие сериозно ја надминале границата на платите и според финансискиот фер-плеј треба да го намалат бузетот за околу 200 милиони во наредните месеци.