Францускиот ас Карим Бензема несомнено беше една од ретките светли точки во дресот на Реал Мадрид во целата мината сезона. Постигна многу голови за Кралскиот клуб, а на истиот начин ја почнува и новата сезона во Ла Лига.
Вечерва Реал Мадрид како гостин славеше триумф од 4-1 против Алавес, а францускиот голгетер двапати се запиша во листата на стрелците.
Првите 45 минути донесоа само по еден удар во рамките на двата гола.
Во вториот дел, уште на стартот, во 48 минута Бензема, по додавањето на Еден Азар го носи кралскиот клуб во водство од 1-0.
Само 8 минути подоцна на стадионот на Алавес стои резултат 0:2. Стрелец на вториот погодок за мадридскиот клуб беше Начо по одличното проигрување на Лука Модриќ.
Се играше 62 минута, а Бензема со својот втор вечерашен погодок го доведе Реал на прагот на победата.
Алавес единствено што успеа е да постигне почесен погодок, и тоа од белата точка, по прекршокот од Тибо Куртоа врз Цесар Сото Градо. Сигурен реализатор беше Хоселу за 1-3.
Кога се очекуваше последниот судиски свиреж, Реал постигна и четврти гол. Стрелец беше Жуниор Винисиус во 92 минута.
Во следното коло Реал повторно гостува, и тоа кај Леванте на Енис Барди.
Алавес, пак, ја пречекува екипата на Мајорка.
Во вториот меч од ова коло, игран во истото време во Памплона, Осасуна одигра 0:0 против тимот на Еспањол.