Вејн Руни стави крај на играчката кариера, продолжува како менаџер на Дерби

Вејн Руни стави крај на играчката кариера, продолжува како менаџер на Дерби

пред 3 години

Легендата на Манчестер јунајтед, Вејн Руни беше именуван за постојан менаџер на Дерби, по што 35-годишниот Англичанец стави крај на својата играчка кариера.

Поранешниот капитен на Англија, беше привремен тренер на второлигашот од ноември по отказот кој го доби Холанѓанецот Филип Коку. Руни имаше 3 победи и 4 ремија во девет натпревари и сега доби договор до 2023 година со прва цел да избегне испаѓање во третата лига. Негови помошници ќе се Лајам Росениор, Шеј Гивен и Џастин Вокер, додека поранешниот помошник на Сер Алекс Фергусон, Стив Мекларен останува технички директор на клубот.

Руни беше играч и тренер на Дерби по враќањето во Англија по настапите во МЛС лигата за Ди Си јунјатед.

„Кога се вратив во Британија бев воодушевен од потенцијалот на Дерби каунти. Стадионот, тренинг-центарот, квалитетот на тренерскиот тим и одличните млади фудбалери, но секако и фантастичните навивачи кои останаа лојални на клубот. Имав и други понуди, но знаев дека Дерби е клуб за мене“, вели Руни.

Руни, кој останува најдобар стрелец во историјата на Манчестер јунајтед и на англиската репрезентација, го следи примерот на својот поранешен соиграч од репрезентацијата, Френк Лампард, кој ги однесе Дерби до плејофот за влез во Премиер лигата во 2019, по што седна на клупата на Челси.

Share
Scroll to Top