Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола себе си се најде виновен за малкуте голови што неговата екипа ги постигнува во првите 8 кола од новата сезона во Премиерлигата.
Минатата сезона „граѓаните“ беа најефикасни во лигата, со 102 гола, но сезонава имаа само 10 погодоци.
„Менаџерот е виновен за малкуте постигнати голови. Морам да пронајдам начин и да се прилагодам на квалитетот со кој поседуваме затоа што истите играчи ги имавме и минатите сезони. Мое е да се прилагодам и да ги ставам играчите во ситуација да дадат повеќе голови. Имаме доволно добри играчи за да постигнеме многу голови“ рече Гвардиола пред гостувањето на Сити во Грција кај Олимпијакос во рамки на четвртото коло од Лигата на шампиони.
По 8 одиграни кола, Сити е дури 13-ти на табелата во ПЛ, со само 3 победи. Во ЛШ пак се перфектни, со 3 победи од 3 меча.