Ден за паметење – МАКЕДОНИЈА на Европско! Пандев со најслаткиот гол за историја

Ден за паметење – МАКЕДОНИЈА на Европско! Пандев со најслаткиот гол за историја

пред 3 години

Македонија првпат во историјата ќе игра на едно големо фудбалско натпреварување, остварувајќи го сонот на илјадници фудбалски навивачи, откако во баражот за квалификациите за Европското првенство во 2021 на гости стигна до храбра победа од 1:0 над Грузија, благодарение на вечниот Горан Пандев, кој уште еднаш покажа дека е класа играч.

Со овој успех е исполнет историскиот сон на сите фудбалери кои го носеле црвено-жолтиот дрес и мора да му се честита на селекторот Игор Ангеловски, кој состави тим со мешавина на искуство и младост  кој сега следниот јуни, се надеваме со публика на трибините ќе се бори на Европското првенство во пресметките со силните репрезентации на Холандија, Австрија и Украина.

Дуелот во Тбилиси, каде што Грузија немаше пораз во 13 меча, започна со едно тесно, тешко за гледање прво полувреме, во кое домаќините ја имаа иницијативата, но најдобрата шанса ја имаше токму Пандев во 35-тата минута, кога само реакцијата на грузискиот голман спречи гол.

Во второто полувреме, клучниот момент дојде во 56. минута, кога триото на фудбалери кои настапуваат во италијанската Серија А го покажа својот квалитетот. Фантастичниот Елиф Елмас беше креатор и со совршена акција со Илија Несторовски му асистираа на Горан Пандев, кој покажа дека е мајстор на фудбалската игра постигнувајќи прекрасен гол.

По ова, иницијативата на македонската репрезентација резултираше со уште неколку убави шанси, во кои пропуштивме да ја осигураме победата и во исто време да го кренеме притисокот на навивачите пред ТВ-екраните, кои на крајот сепак, имаа шанса да искусат еден историски момент.

Share
Scroll to Top