Дидие Дешам вели дека проблематичната форма на Антоан Гризман со Барселона нема да влијае на неговиот избор во француската репрезентација, споредувајќи ја неговата ситуација со таа на Пол Погба во Манчестер јунајтед.
Двајцата членови на шампионскиот тим од 2018 година имаа доста проблеми оваа сезона, со многу шпекулации околу нивната иднина, но и нивната вредност за нивните клубови. Гризман сега е на удар, откако постигна само шест гола во Ла лига оваа сезона, но Дешам има целосна доверба во него.
„Тој можеби не игра во најдобра форма, но тоа не значи дека треба да се сомневаме во неговиот квалитет. Би било непристојно неговата улога во националниот тим да е неизвесна. Во ноември, Пол поминуваше во уште потежок период со Манчестер јунајтед. Тоа што беше со нас му помогна и одигра одлично против Португалија. Кај Антоан е истото, се работи за доверба. Знаат дека со Франција се во поинаква околина. Сите можат да имаат лош период во нивниот клуб, но не ја губат довербата кај мене. Сепак, треба да знаат дека има конкуренција за местата. Ако во некој момент мислам дека некој помлад фудбалер може да донесе повеќе на тимот, ќе сметам и на него“, вели Дешам.