Затоа е „крал“! Рафа го демолираше Ѓоковиќ за рекордна 20. гренд слем круна

пред 4 години

И покрај сите најави дека е во проблеми поради временските услови и потешките топчиња, Рафаел Надал необично лесно го декласираше Новак Ѓоковиќ во уште една пресметка на двајцата најдобри тенисери на денешницата, за со 6:0/6:2/7:5 победа во финалето на Ролан Гарос за освојување на рекордна 20-та гренд слем титула. „Кралот на земја“ уште еднаш покажа дека суверено владее на земјените терени во Париз, освојувајќи ја неверојатната 13-та титула од францускиот гренд слем и вкупно 20-та гренд слем титула, со која се израмни со уште еден свој голем ривал, Роџер Федерер. Ѓоковиќ, помлад од двајцата великани, останува на 17 гренд слем титули. Стартот на 56-тиот дуел меѓу Надал и Ѓоковиќ беше шокантен за Србинот, кој вторпат во кариерата загуби сет без освоен поен против Шпанецот. На светскиот број 1 му беа потребни повеќе од час игра за да го освои првиот гем во мечот, за 1:1 израмнување, но веќе во следниот гем Надал направи брејк, за да го освои и вториот сет со релативно лесни 6:2 за час и пол игра. Во првите два сета, Надал направи само три неизнудени грешки, додека Ѓоковиќ имаше дури 28! Надал ја продолжи одличната игра со брејк за 3:2 водство во третиот сет, пред Србинот, конечно, да се разбуди и да врати брејк за 3:3. Двајцата не успеаја да направат брејкови, а публиката, конечно, се стави на страната на Србинот, но Надал повторно направи брејк за 6:5 водство и го комплетираше  триумфот за нешто помалку од три часа.

Share
Scroll to Top