Ракометната репрезентација на Македонија вечерва (20.30 часот) со дуелот против Норвешка ќе го стартува Светското првенство. Селекторот Кирил Лазаров пред денешниот меч во Краков вели националниот тим е подготвен за мундијалските искушенија.
„Подготвени сме за комплетното Светско првенство. Норвешка во 2017 и во 2019 играше финале на СП и незадоволни заминаа затоа што не освоија злато. Секако дека и овде ќе атакуваат на златото. Но, во спортот треба да веруваш и во невозможното. Денеска сме во таква позиција. Нема што да загубиме, туку можеме само да добиеме. Нема да се штедиме воопшто, ќе тргнеме да играме и да видиме до каде и колку можеме. Сакам да нагласам дека оваа генерација и досега направи многу и само поради тоа на момците треба да им се даде поддршка. Играме со седум дебитанти на ова СП и треба да бидеме внимателни, но од друга страна имаме и голема самодоверба“, изјави селекторот Лазаров.
Македонија во вториот меч ќе се сретне со Холандија, а третиот меч во групата е против Аргентина.