Лацио пак контроверзни – му дадоа договор на правнукот на Мусолини

Лацио пак контроверзни – му дадоа договор на правнукот на Мусолини

пред 3 години

Романо Флоријани Мусолини, 18-годишниот правнук на поранешниот фашистички лидер на Италија, Бенито Мусолини е нов член на У-19 тимот на Лацио, повторно поставувајќи го римскиот клуб во „врска“ со крајната десница.

Романо Мусолини, чие второ име е Бенито, е син на поранешната европарламентарка Алесандра Мусолини, и игра како десен бек и инсистира дека не е заинтересиран за политика. Неговата мајка пак, вели дека треба да се почитува неговата приватност.

„За Лацио, името Мусолини е тежок товар“, коментираше дневниот весник „Ил фато квотидијано“, посочувајќи кон „Курва норд“, навивачите на Лацио кои се традиционално на северната трибина на „Олимпико“, каде што честопати се гледаат фашистички поздрави.

Во 2017 година, навивачите на Лацио го излепија градот со ликот на Ана Франк во дрес на лутите ривали Рома, а во 2005 година, Паоло ди Канио, поранешен „ултрас“ на клубот, ги поздрави навивачите со фашистички поздрав. Сега, со наследникот на „Ил дуче“ во дресот на „бјанкочелестите“, ќе биде интересно да се види реакцијата.

„Тој е скромно момче кое не се жалеше иако две години не играше. Ми се допаѓа. Не е искусен, но има ветување. Презимето? Никогаш не сум зборувал со неговите родители и најважно е дали тој вреди да игра. Ништо друго“, вели тренерот на младинскиот тим на Лацио, Мауро Бјанкези.

Share
Scroll to Top