Актуелниот европски шампион, Португалија стигна до тешко извојувана 3:0 победа над Унгарија на преполната „Пушкаш арена“ во Будимпешта за важни три поени освоени за две минути во финишот на натпреварот.
Откако Унгарците се покажаа како незгоден противник во текот на целиот натпревар, а Кристијано Роналдо утна една совршена шанса во првото полувреме, резултатот беше 0:0 пред последните десет минути од мечот.
Откако прво не им беше досуден пенал за игра со рака, во 82. минута од натпреварот, нововлезениот Андре Силва со малку среќа успеа да го совлада Гулачи, за само две минути подоцна да биде досуден пенал за Кристијано Роналдо да зголеми на 2:0. Во 93. минута, Роналдо доби нова шанса пред унгарскиот гол за да ги постави конечните 3:0.
Ова беа 10. и 11. гол на Европските првенства за Роналдо, со што изби сам на вечната листа пред Мишел Платини (9 гола). Роналдо го игра рекордното петто ЕУРО, и сега има вкупно 106. гола во дресот на Португалија, со што се доближи на само три гола од вечниот рекорд на Али Даеи од Иран. За Португалија трите поени се многу важни, бидејќи се наоѓаат во „групата на смртта“ покрај Франција и Германија, кои вечерва во 21 часот ќе играат во дербито.