ПСЖ ќе ја активира откупната клаузула во договорот на Педри

ПСЖ ќе ја активира откупната клаузула во договорот на Педри

пред 10 месеци

Француските медиуми објавија, а шпанските пренесоа дека се подготвува спектакуларен трансфер како дел од офанзивата на ПСЖ против Барселона. ПСЖ се фокусира на двајца играчи на Барса. Првиот е крилниот напаѓач Усман Дембеле и ова треба да го реши до понеделник бидејќи Французинот има отштетна клаузула од 50 милиони евра до крајот на месецот. После тоа е сумата за оштета рапидно ќе се зголеми.

„Дембеле е многу блиску до преселба во ПСЖ. Преговорите се во напредна фаза. 26-годишниот играч има клаузула од 50 милиони евра која завршува на 31 јули. После тоа таа се зголемува на 100 милиони евра”, објави РМЦ Спорт.

Овој извор открива дека ПСЖ сака во своите редови да види уште еден играч на Барселона.

„ПСЖ започна операција за купување на Педри. Луис Енрике му порача на раководството на клубот да направи се што е можно за да го донесе. Педри не ја одбил опцијата за преселба во Париз. Освен тоа, тој би сакал повторно да работи со тренерот кај кого дебитираше во националниот тим. Како и во случајот со Дембеле и овде ПСЖ мора експресно да реагира, бидејќи и Педри има помала откупна клаузула. До 31.јули тој е достапен за 110 милиони евра“.

Луис Енрике го издвоил Педри како совршена замена за Марко Верати кој заминува во Саудиска Арабија. Доколку ПСЖ понуди 110 милиони евра за Педри, Барселона мора да дозволи тој преговара со парижаните.

Опасноста од неговото заминување ги шокираше навивачите на Барселона бидејќи Педри (20) е симбол на новата Барса, предодреден да биде лидер во следната деценија. Барселона го донесе пред три години од Лас Палмас за 17,5 милиони евра. Оттогаш, младиот играч за врска стана незаменлив играч на Барселона со 109 настапи и 16 голови и стандарден репрезентативец на Шпанија, за која настапи 18 пати.

Share
Scroll to Top