Италија десетти меч во низа успеа да стигне до победа без да прими гол, за да стане првата репрезентација која се пласирала во осминафиналето на Европското првенство, откако со двата гола на Мануел Локатели стигна до 3:0 победа над Швајцарија, втор нивни триумф во групата А.
Ако некој се сомневаше во квалитетот на тимот на Роберто Манчини по првата 3:0 победа над Турција, сега е јасно дека „Аѕурите“ одат на големо на ова првенство, и сега им преостанува само мечот со Велс, на кој ќе се одлучи на кој противник ќе одат меѓу најдобрите 16.
Италијанците прво ја сместија топката во голот на Јан Зомер уште во 19. минута, преку капитенот Џорџо Кјелини, кој постави рекорд со својот 14. настап за Италија на едно ЕП. Меѓутоа, ВАР го поништи голот поради играње на рака на Кјелини при скокот. За жал, капитенот се повреди и веднаш потоа го напушти натпреварот .
Само седум минути подоцна по одличната акција на Доменико Берарди, фудбалерот на Сасуоло, Мануел Локатели лесно ја смести топката во голот за водство. Во второто полувреме, Локатели повторно го покажа својот квалитет кога во 52. минута од мечот со удар од далеку зголеми на 2:0.
Во 89. минута, Чиро Имобиле ја продолжи голгетерската серија на четири меча со гол за Италија за да ги постави конечните 3:0. Пред стартот на ЕУРО 2020, Италија никогаш немаше стигнато до 3:0 победа на еден меч на ЕП, а сега имаат две во низа.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк