Расел ментално го „уништил“ Ботас

Расел ментално го „уништил“ Ботас

пред 4 години

Акциите на Валтери Ботас доживеаја „крах“ минатиот викенд во Бахреин и виновен за тоа е 22-годишниот Џорџ Расел, се согласуваат двајца поранешни Ф1 воачи.

Ботас беше совршен втор возач покрај Луис Хамилтон во последните години, давајќи им мир на Мерцедес по бурното ривалство со Нико Розберг, меѓутоа откако Расел, како замена за болниот Луис Хамилтон го декласираше речиси во секој сегмент во текот на викендот во Бахреин, неговата самодоверба мора да е на најниско ниво, тврдат Тимо Глок и Ралф Шумахер.

„Ова, секако, е огромен удар за него. Сега, мора да е среќен што има договор за следната година, иако ниту тоа не е сигурно. Формула 1 е брз спорт и договорот не значи дека ќе возиш. Можеби ќе видиме изненадување. Изгледаше исфрустрирано и воопшто не беше агресивен овој викенд“, смета Шумахер.

Глок вели дека последиците може да се огромни.

„Ова беше уште една точка која можеби го скрши. Секако, болно е да загубиш вака. Тој може да се затвори во Финска три месеци и да размисли за тоа. Ќе биде многу тешко за него“, вели Глок.

Самиот Ботас признава дека викендот не го претставил во најдобро светло, но вели дека работата е многу покомпликувана отколку што изгледа.

„Ако не ги знаете работите, тогаш изгледав како целосен идиот, будала, и тоа не е убаво. Но, луѓето кои знаат, знаеја какви беа перформансите и каков можеше да биде резултатот. Лесно е да се каже дека дојде новото момче и ме победи“, вели Ботас.

Share
Scroll to Top