Иако сите очекуваат Њукасл јунајтед да биде најактивниот фудбалски клуб во јануарскиот преоден рок финансирани од новите саудиски газди, навивачите се разочарани од последното име кое се поврзува со трансфер – нигерискиот напаѓач Одион Игало.
Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, во моментов игра во Ал-Шабаб во Саудиска Арабија, и според „Скај спорт“, нема да постои проблем тимот на Еди Хоув да го добие засилувањето во нападот за борбата за опстанок.
32-годишниот Игало играше за Вотфорд во Премиерлигата, пред да направи трансфер во кинескиот Шангај Шенхуа, пред минатата година шокантно да се врати во Англија кај „ѓаволите“ со 18-месечна позајмица. Игало сега е најдобриот стрелец во Саудиската професионална лига со 9 гола, а неговиот договор истекува во 2023.