Макс Ферстапен вели дека е одлично што добива силен колега во Серхио Перез бидејќи тоа ќе помогне Ред бул да имаат подобра сезона, но признава дека целта, како и досега, ќе биде да го „уништи“ својот колега.
Минатиот месец, Ред бул го потврдија Мексиканецот Перез како замена за Алекс Албон, откако Тајланѓанецот имаше катастрофална 2020 и ќе продолжи како резервен возач. Во Перез, тимот добива искусен и брз возач, и Ферстапен вели дека ова значи дека ќе се направи чекор понапред, но сака да осигура да биде број 1.
„На крајот, ги победувам сите и тоа е добро. Мојот татко секогаш вели, мораш да го уништиш својот колега. Нормално е да сакаш да го победиш колегата, а сигурен сум дека и Чеко има иста цел. Тоа е добро за тимот, бидејќи двата болиди ќе бидат силни, како што беше кога возеше Даниел Рикардо“, вели Ферстапен.
Советникот на Ред бул, Хелмут Марко, вели дека е тешко да се каже како ќе заврши битката.
„Ќе знаеме колку имаме добро возачко партнерство во споредба со Хамилтон-Ботас кога Чеко ќе влезе во болидот. Но, тој минатата сезона покажа дека е супер-квалитетен возач“, вели Марко.