Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин ги опиша првите луѓе на Манчестер јунајтед, Ед Вудворд и на Јувентус, Андреа Ањели како „змии“ откако се претпоставува дека тие се двајцата лидери на проектотза Европската Суперлига.
Чеферин смета дека разговорите се вршени зад негов грб и не беше нежен во опишувањето на своите ривали.
„Видете, сум видел многу работи во мојот живот. Дури 24 години од мојот живот бев кривичен адвокат и видов различни луѓе, но никогаш како овие. Ќе почнам со Ед Вудворд, бидејќи ќе биде пократко. Не сум имал многу контакт со него, но минатиот четврток ми се јави и ми кажа дека е задоволен од реформите, дека ги поддржува и дека сака да зборува за финансискиот ферплеј. Но, очигледно потпишал нешто друго. За Андреа Ањели исто така не ми се зборува многу. Тој е едно од најголемите разочарувања. Не сакам да бидам личен во описите, но никогаш не сум видел човек кој ќе лаже толку време како него. Неверојатно. Во саботата попладне зборував со него и тој ми кажа дека се работи за шпекулации, да не се грижам, ништо не се случува. Рече ќе ми се јави за час време и потоа го исклучи телефонот. Ние сме поинакви и ќе останеме поинакви. Добро е да се знае кој е кој во животот. Можеби бевме наивни и не знаевме дека имаме змии блиску до нас. Сега знаеме. Наскоро ќе има легална реакција“, изјави Чеферин.