Репрезентацијата на Шпанија го освои третото место и бронзениот медал на Светското ракометно првенство во Египет. Во мечот за бронзата кој заврши предмалку пулените на селекторот Рибера ја совладаа Франција со 35-29 во меч во кој во сите 60 минути „фуријата“ имаше контрола на резултатот.
Шпанците одлично го отврија мечот со серија 4-0, цело прво полувреме имаа контрола на резултатот, а најмногу што успеаја „петлите“ да сторат во првите 30 минути е да намалат дел од предноста на противникот и на одмор да отидат само со -3, 16-13.
Во вториот дел иста слика на натпреварот. Шпанците доминантни, во нападот одлични браќата Душебаев, а на голот повторно блескаше Коралес. Најголемата предноста Шпанците ја имаа во последната четвртина од мечот кога на семафорот во 53 минута стоеше 32-25.
До крајот темпото се намали за конечниот резултат 35-29.
Даниел Душебаев со 6 гола од 6 обиди, неговиот брат Алекс со 8 гола и голманот Коралес со 18 одбрани се најзаслужни за тоа што бронзата од Египет патува кон Пиринеите. По третпат во својата историја Шпанија стигнува до бронза.
Кај Франција се истакна левото крило Деска со 7 гола, а голманот Жерар имаше 12 интервенции.