Вардар е поразен во првиот меч во ЕХФ Лигата на шампиони по подолга пауза, откако Порто повторно се покажа како сериозен противник стигнувајќи до 27:24 (13:13) победа.
Вардар имаше одличен старт на мечот и направи предност од 5:1 по шест минути игра, но набргу, Порто ја врати иницијативата, израмни на 5:5. Сепак, Вардар беше подобриот тим до крајот на полувремето со постојано водство од гол-два разлика, за на полувреме да се отиде со 13:13.
Вторите 30 минути пак, беа одлучувачки за исходот на мечот, откако Порто направи серија од 4:0 за потоа Вардар до крајот на мечот само да успее да се доближи на гол разлика. Тимур Дибиров беше најрасположен за игра со 9 постигнати голови, додека Ловро Јотиќ додаде пет гола, а кај португалскиот клуб, најефикасен беше Диого Бранкињос со седум гола.
Со поразот, Вардар останува на последното место во групата А со само три поени, додека Порто се искачува на четвртото место со осум поени, но има дури три натпревари повеќе од „црвено-црните“.
Во дербито на групата Б пак, Барселона ја продолжи победничката низа на 9 меча во Лигата на шампионите, триумфирајќи со 37:34 на гостувањето кај Веспрем. Европскиот шампион Кил, пак, се врати со фантастична 34:23 победа над украинскиот Мотор Запорожје.
ЕХФ ЛИГА НА ШАМПИОНИ
ГРУПА А
Мешков Брест – Флензбург 26:28 (15:14)
Порто – Вардар 27:24 (13:13)
Табела: 1.Флензбург 15, 2.Кјелце 13, 3.Мешков 9, 4.Порто 8, 5.ПСЖ 6, 6.Пик Сегед 4, 7.Елверум 4, 8.Вардар 3
ГРУПА Б
Кил – Мотор 34:23 (16:12)
Нант – Целје 28:30 (13:14)
Веспрем – Барселона 34:37 (15:19)
Табела: 1.Барселона 18, 2.Веспрем 13, 3.Мотор З. 12, 4.Алборг 10, 5.Кил 9, 6.Нант 4, 7.Целје 4, 6.ППД Загреб 0