Шесткратниот Мото ГП шампион, Марк Маркез, конечно, ќе се врати во шампионатот по речиси цела година откако лекарите му дадоа дозвола за настап на Португалското ГП во Портимао следниот викенд.
Маркез ја скрши десната рака на првата трка од минатата сезона во јули во Херез. Следната недела во Андалузија тој се обиде да се врати, компликувајќи ја ситуацијата, по што беше на нова операција и го пропушти остатокот на сезоната. Оттогаш тој имаше три операции, од кои последната во декември, кога му пресадија коска од колкот.
Тој ги пропушти првите две трки во Катар минатиот месец, каде што го заменуваше Штефан Брадл. Иако уште нема возено Мото ГП мотоцикл, тој тестираше со РЦ213В-С мотоциклот на Хонда во Барселона и Алжарве за да се подготви за сезоната.