Жозе Мурињо веќе почнал да „диктира“ правила во тимот на Рома пред официјално да го преземе клубот на 1 јули, тврди „Кориере дело спорт“.
„Специјалниот“ доби отказ од Тотенхем, но во текот на летото најде работа како коментатор за ЕУРО 2020, но веќе се подготвува да ги постави темелите на владеењето на „Олимпико“.
Италијанскиот весник тврди дека Мурињо побарал подготовките за нова сезона да се изведуваат надвор од Италија, за да се зачува „максималната приватност“ на тимот. Американските газди на Рома, „Фридкин групацијата“ веќе закажала камп во Штаерска, Австрија, каде што ќе се одиграат три подготвителни меча.
Новата Рома на Мурињо ќе ја видиме релативно бргу, бидејќи клубот ќе се натпреварува во Конференциската Европа лига на УЕФА по седмото место во Серија А, и им следуваат квалификации веќе на 19 август.