Себастијан Фетел во интервју со италијанскиот „Скај спорт“ ги испофали луѓето со кои работеше во Ферари во шестгодишниот престој во Скудерија, со еден исклучок – не го спомена шефот на тимот Матија Биното, односно човекот кој реши да не му го продолжи договорот за 2021 година.
Германскиот четирикратен светски шампион оствари 14 победи со Ферари, но не успеа да стигне до титулата и следната сезона ќе вози за тимот на Астон Мартин (сегашен Рејсинг поинт) како партнер на Ленс Строл. Кога беше запрашан кој бил најважниот човек во Ферари за него, тој го избра претходникот на Биното, Маурицио Аривабене.
„Најважен човек во кариерата без сомнеж ми беше Рикардо Адами, инженерот додека бев во Торо росо на почетокот на кариерата. Тој ме сфаќаше и беше најважниот човек за мене. Во поголем план, секако Маурицио Аривабене, кој според мене не беше разбран како добар шеф во Ферари. Не беше лесно да се работи под Серџо Маркионе, кој поставуваше голем притисок и никогаш не беше фин кон Маурицио“, вели Фетел.
Тој исто така го испофали својот последен партнер во Ферари, Шарл Леклер, најавувајќи му голема иднина.
„Шарл е многу брз и талентиран и се сретнавме во различни фази на нашата кариера. Искрено, многу научив од него и тоа беше интересно. Видов нешто во него што наликуваше на мене пред 10 години. Имам само добри зборови за него. Годината беше тешка, но тоа не треба да го намали квалитетот на Шарл бидејќи тој има блескава иднина пред него“, вели Фетел.