Бомбашки напад во џамија во Пакистан, 45 мртви

пред 5 години

Најмалку 45 верници загинаа денеска во самоубиствен бомбашки напад во џамија во северозападниот пакистански град Пешавар, а уште 65 лица се повредени, од кои многумина се во критична состојба, соопшти локалната полиција.

Шефот на полицијата во Пешавар, Мухамед Ејаз Кан, изјави дека насилството започнало кога двајца вооружени напаѓачи отвориле оган врз полицијата пред џамијата во стариот дел на Пешавар, пренесе АП.

Во судирот загинале еден напаѓач и еден полицаец, а уште еден полицаец е ранет.

Преостанатиот напаѓач потоа влетал во џамијата и активирал бомба.

Претставник на локалната полиција изјави дека експлозијата се случила додека верниците се собирале во верскиот храм, и рече дека бројот на жртвите најверојатно ќе се зголеми бидејќи многумина се повредени и се наоѓаат во критична состојба.

Амбулантни возила утрово се упатија низ пренатрупани тесни улички за да ги пренесат повредените во болница.

Во моментот на експлозијата во џамијата имало најмалку 150 верници.

Никој веднаш не ја презеде одговорноста за експлозијата, според АП, потсетувајќи дека Исламската држава и насилната пакистанска талибанска организација претходно извршиле слични напади во регионот, кој е во близина на границата со соседен Авганистан.

Сведокот Шајан Хајдер, вели тој, се подготвувал да влезе во џамијата кога силна експлозија го исфрлила на улица.

„Ги отворив очите и насекаде имаше прашина и тела“, рече тој.

Малцинските шиитски муслимани често се напаѓани во Пакистан.

Share
Scroll to Top