Во Русија од денеска е оневозможен пристапот до „Инстаграм“, социјална мрежа во сопственост на американскиот технолошки гигант „Мета“, откако компанијата на Марк Цукерберг дозволи говор на омраза и повици за насилство против Русија поради конфликтот во Украина. Повторно вчитување на апликацијата не е возможно од денеска наутро, односно пристапот до страницата не е можен без VPN, објавија новинари на АФП.
Рускиот телекомуникациски регулатор „Роскомнадзор“ го стави „Инстаграм“ на листата на ограничени страници, а истата судбина ја доживеаја и „Фејсбук“ и „Твитер“. Пред три дена „Мета“ објави дека „Фејсбук“ и „Инстаграм“ ќе им дозволат на своите корисници во некои земји да повикуваат на насилство против Владимир Путин и руските војници.
Од „Мета“ велат дека привремено го дозволиле она што инаку би се карактеризирало како говор на омраза, како што е на пример изразот „смрт за руските окупатори“.
Како одговор на тој потег, Русија ги повика САД да престанат со „екстремистичките активности“ на оваа компанија. Соопштението дојде откако „Ројтерс“ ги објави интерните пораки на Мета во кои се истакнува промената во политиката на компанијата.
„Во светло на инвазијата на Украина, направивме привремен исклучок од правилото за сите погодени од војната да ги изразат своите чувства кон окупаторските воени сили“, изјави портпаролот на Мета за Би-би-си. Според новата регулатива, на корисниците во Русија, Украина и Полска ќе им биде дозволено да повикаат на смрт на рускиот претседател Владимир Путин и неговиот белоруски колега, Александар Лукашенко.