Шефот на германската дипломатија Аналена Бербок ја повика Москва да не ја ескалира ситуацијата со Украина.
Таа ги предупреди дека ќе се соочи со низа санкции доколку тензиите дополнително ескалираат.
„ Итно бараме Русија да преземе чекори кон деескалација. Секое понатамошно агресивно однесување или агресија би резултирало со сериозни последици“, рече Бербокова на заедничката прес-конференција со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пренесе „Ројтерс“.
„ Ова не е ништо помалку од прашање на одржување на мирот во Европа. За нас тоа е егзистенцијално“, истакна таа.
Блинкен рече дека САД и нивните европски сојузници ќе претставуваат обединет фронт, доколку Русија продолжи да дејствува против Украина.
Според него, Москва ќе добие брзи и сериозни обединети одговори доколку нејзините сили преминат во Украина.
Дополнително, Вашингтон и неговите партнери ќе презентираат унифициран одговор во случај на воведување санкции и ќе работат на координиран одговор на какви било дестабилизирачки дејства на Русија, посочи Блинкен.