„Одлуката на Германија, Франција и Италија да ја прекинат имунизацијата со вакцината на „Астразенека“ откако неколку земји пријавија можни сериозни несакани ефекти е од политички карактер“, изјави генералниот директор на италијанската регулаторна агенција АИФА.
„Имаше пауза затоа што неколку европски земји, вклучувајќи ги Германија и Франција, ги запреа вакцинациите за дополнително да ја проверат безбедноста на вакцината. Тоа е политичка одлука”, изјави Никола Магрини за „Ла Република“.
Магрини додаде дека вакцината на „Астразенека“ е безбедна и дека користа е многу поголема од ризикот.
„По вакцинацијата, во Италија се пријавени осум смртни случаи и четири случаи на сериозни несакани ефекти. На АИФА ќе и бидат потребни два до три дена да ги собере сите потребни податоци и откако ќе бидат отстранети сите сомнежи, ќе можеме да продолжиме со побрзо темпо од порано“, рече директорот на АИФА.