Русија никогаш немала и нема намера да ја нападне Украина, а за тој став писмено го известила Вашингтон, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Таа рече дека писмената реакција на Москва на американскиот одговор на безбедносните гаранции предложени од руската страна претходно, го нагласува овој факт, пренесува ТАС С.
– Русија никогаш немала и нема намера да иницира агресивни акции против оваа земја – изјави Захарова во интервју за НТВ.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи зборуваше за актуелната ситуација во источна Украина и однесувањето на Киев во Донбас го нарече геноцид.
Највисокиот украински безбедносен функционер Олексеј Данилов ја обвини Русија дека организира провокации во источна Украина со цел да го испровоцира Киев да возврати.
Тој додаде дека Украина ќе се држи до мирните начини за решавање на кризата, пренесе Ројтерс.
Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, додаде дека неговата земја нема планови за насилно ослободување на териториите што ги држат проруските сили, додавајќи дека целосна руска инвазија на Украина е малку веројатна.