Нетанјаху ја осуди коалицијата на Лапид, нарекувајќи ја опасна левичарска влада

пред 3 години

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика сите членови на парламентот избрани со десничарски гласови да се спротивстават на новата коалиција, чие формирање беше објавено доцна синоќа од мандатарот Јаир Лапид, лидерот на партијата на центарот Јеш Атид (Има иднина). Тој ја нарече новата влада опасна и левичарска.

Во првата реакција во јавноста откако Лапид го извести израелскиот претседател Ревен Ривлин дека ја исполнил задачата што му била доверена, што може да доведе до соборување на Нетанјаху по 12 последователни години како премиер, Нетанјаху ја нарече владата на Лапид „опасна“.

„Сите членови на Кнесетот (парламентот) избрани со десничарски гласови мора да се спротивстават на оваа опасна левичарска влада“, напиша Нетанјаху на „Твитер“.

Во низата коментари на социјалните мрежи Нетанјаху го обвини лидерот на десничарската партија Јамина, Нафтали Бенет, кој влезе во коалиција со Лапид и ќе биде првиот премиер во ротирачката влада, дека се продал на исламската партија Обединета арапска листа.

Нетанјаху тврди дека Бенет, пак, ѝ ветил на партијата, која исто така влезе во коалицијата и ќе биде првата партија на израелските Арапи во израелската влада, дека ќе го исполни барањето за замрзнување на планот за уривање на бесправно изградените бедуински села и буџетот за Арапска заедница.

Официјални лица од таа партија постојано повторуваат дека понудите на конзервативниот Ликуд на Нетанјаху биле многу подарежливи отколку она што им го понудиле Лапид и Бенет, пренесоа израелските медиуми.

Блок партии кои се противат на Нетанјаху најави договор за коалиција пред истекот на рокот во среда пред полноќ.

Таа коалиција има најмало можно мнозинство со 61 од вкупно 120 пратеници во Кнесетот.

Во новата влада, врз основа на договорот за ротација, Бенет ќе биде премиер во првите две години, а Лапид од 2023 година.

Share
Scroll to Top