Норвешкиот пратеник Кристијан Тибринг-Гједе, кој есеноска го номинираше американскиот претседател Доналд Трамп за Нобелова награда за мир, сега по упадот на неговите приврзаници во Конгресот, вели дека не е сигурен дека Трамп е способен да остане во Белата куќа до крајот на мандатот.
Тибринг-Гједе, пратеник од десното крило на популистичката Напредна партија, за телевизијата НРК изјави дека не е сигурен дека американскиот претседател е во состојба последните 13 дена да ги помине во Белата куќа.
Состојбата на Трамп е сè полоша и полоша откако ги загуби изборите во ноември, додаде тој, пренесува порталот Локал.но.
Според него, лицата одговорни за насилство и вандализам мора да се соочат со последиците од нивните постапки.
Во септември 2020 година, Тибринг-Гједе го предложи Трамп за Нобелова награда за мир поради неговата улога во постигнувањето историски договор меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати. Тој веќе го номинираше Трамп за таа награда во 2018 година.
Сега, сепак, тој вели дека е преплашен од тоа како Трамп ги охрабрува своите приврзаници.