Политичките лидери за Суперлигата: Богатите не можат да ја присвојат убавината на фудбалот

пред 4 години

Дванаесет големи европски фудбалски клубови синоќа објавија дека ќе стартуваат нова Суперлига, затворено натпреварување во кое ќе играат само најсилните клубови и кое ќе биде директна конкуренција на Лигата на шампионите на УЕФА.

„Дванаесет богати европски клубови доцна во неделата постигнаа договор за воспоставување на ново фудбалско натпреварување – Суперлига, во кое ќе учествуваат 20 клуба“, објави Реал Мадрид, чиј претседател беше избран за главен човек на новото натпреварување.

Во него досега потврдија дека ќе учествуваат шпанските Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид, англиските клубови Арсенал, Челзи, Тотенхем, Ливерпул, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед, како и Јувентус, Милан и Интер од италијанската Серија А. Поканети се уште три засега неименувани клубови да се приклучат на проектот.

По најавата за новото фудбалско натрпаварување, реакции доаѓаат од сите страни, па и од политичките кругови.

Меѓу првите што реагираа беа британскиот премиер Борис Џонсон и францускиот претседател Емануел Макрон.

„Плановите за европскат Суперлига би биле многу штетни за фудбалот и ние ги поддржуваме фудбалските власти да преземат акција“, објави Џонсон на својот официјален профил на „Твитер“.

„Тоа би било удар директно во срцето за домашната лига и би ги загрижило навивачите низ целата земја. Клубовите учесници мора да им дадат детални одговори на своите навивачи и пошироката фудбалска јавност пред да преземат понатамошни чекори“, додаде британскиот премиер.

Макрон веднаш се спротивстави на објавата.

„Претседателот на Републиката ја поздравува позицијата на француските клубови да одбијат да учествуваат во фудбалскиот проект на Суперлига, што го нарушува принципот на солидарност и спортски заслуги“.

Суперлигата ја коментираше и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој, исто така е против идејата.

Орбан верува во единството на спортот на европско ниво, како и во принципот на солидарност и го поздравува силното спротивставување на европската фудбалска организација УЕФА на плановите за создавање на европска Суперига, порача унгарскиот премиер преку својот кабинет.

„Унгарија е убедена дека убавината и големината на најголемата игра во светот лежи во тоа што таа им припаѓа на сите, а богатите не можат да си ја присвојат за себе“, подвлече унгарскиот премиер.

Share
Scroll to Top