СЗО: Сертификатите за вакцинација се дискриминирачки

пред 4 години

Вонредниот одбор на Светската здравствена организација (СЗО) препорача сертификатите за вакцинација да не бидат предуслов за меѓународни патувања бидејќи вакцините се нерамномерно распределени меѓу земјите.

Независни експерти од Одборот, во соопштение објавено по состанокот минатиот четврток, се осврнаа на ограничените докази околу тоа дали вакцинацијата против Ковид-19 го намалува ширењето на инфекцијата, како и на нееднаквоста во глобалната дистрибуција на вакцините, пренесува „Ројтерс“.

Затоа, Одборот препорача државите да земат предвид дека доказот за вакцинација ја продлабочува нееднаквоста во слободата на движење.

Претставниците на земјите-членки на ЕУ минатата недела донесоа сличен заклучок.

Според договорениот заеднички став, кој ќе биде основа за преговори со Европскиот парламент, сертификатите за вакцинација не можат да бидат услов за слободно движење, а притоа се нагласува принципот на недискриминација кон лица кои не се вакцинирани.

Европскиот парламент, треба да ја договори својата позиција подоцна овој месец, по што ќе може да започне разговори со Советот на ЕУ. Регулативата се очекува да биде донесена до крајот на јуни.

Кон средината на март, Европската комисија предложи воведување дигитален зелен сертификат, во јавноста познат и како ковид-пасош, за слободно движење во рамките на ЕУ за време на пандемијата, што ќе биде доказ за вакцинација, негативен тест или прележан Ковид-19.

Share
Scroll to Top