Богатството на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп е намалено за 700 милиони долари во периодот кога тој бил претседател на САД.
Според податоците на „Блумберг“, Трамп исто така го почувствувал влијанието на пандемијата на коронавирус затоа што паднала вредноста на неговите згради, брендирани хотели и одморалишта, како и неговите приходи. Неговата флота авиони и терени за голф исто така изгубила од вредноста. Богатството на Трамп сега се проценува на 2,3 милијарди долари.
„Блумберг“ ги добил податоците со анализа на финансиските документи во периодот од мај 2016 година до јануари 2021 година.
Сепак, финансиите и семејниот бизнис на поранешниот американски претседател се предмет на истрага.
Комерцијалните недвижнини сочинуваат три четвртини од неговото богатство, а заработувачката од деловните згради што ги поседува или е ко-сопственик е намалена затоа што голем број луѓе работат од дома. Ова е тренд што може да трае долго време.
Дојче банк беше единствената банка што сакаше да му позајми пари на Трамп по неговиот банкрот во 90-тите години од минатиот век, но по неодамнешните немири во САД, објави дека повеќе нема да работи со него.
Трамп поседува и флота авиони, вклучително и Боинг 757. Овие авиони се стари неколку децении и нивната вредност се намалува. Седум авиони вредеа 59 милиони долари во 2015 година, а пет од нив вредеа околу 6,5 милиони долари во 2020 година.