Премиерот на Обединетото Кралство, Борис Џонсон, беше критикуван бидејќи не носел маска за време на неговата посета на болницата во Хексам во Нортамбрија, каде се фотографирал со медицинскиот персонал. Ова се случува во моменти кога бројките на заразени е во пораст и се стравува дека коронавирусот ќе се прошири низ Парламентот.
Во таа институција минатиот месец беа заразени 114 лица, без разлика дали станува збор за пратеници или вработени во Вестминстерската палата.
Премиерот е виден како оди низ ходникот на болницата и се фотографира со медицинскиот персонал, кој на себе има маски, објави „Гардијан“.
Даунинг стрит соопшти дека Џонсон ги следел упатствата на локалниот оддел на Британското национално здравје (NHS).
Неименуван извор рекол дека Џонсон бил виден без маска веднаш откако го одржал говорот и дека бил без заштита на лицето надвор од клиничката област, а набргу потоа ставил маска на лицето.
Антиковид мерките постепено почнаа да се враќаат во Долниот дом на парламентот, а се повеќе ториевци почнаа да носат маски.