Вечерва во Белград беше откриен грандиозен споменик на српскиот средновековен владетел Стефан Немања. На настанот присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
На насобраните луѓе им се обратија и Вучиќ и Додик. Српскиот претседател рече „се трудевме да ја обновиме Србија, но и да ја вратиме вербата во себе“.
„ Местото на коешто стојам некогаш беше срам за сите, а вечерва сум среќен, затоа што тука каде што стојам, па по улицата „Немањина“, се наоѓа Храмот на Свети Сава. Успеавме да го осликаме, а така ќе го обновиме и Хиландар и цела Србија. Успеавме економски да ја обновиме земјата и национално да ја воздигнеме,“ рече Вучиќ, додавајќи дека во власта се прашувале дали 23-те метри колку што е висок споменикот, се доволни за да ја одразат големината на Стефан Немања и неговото значење за српскиот народ.
„ До него, ние бевме племе. Ова не е само чин на откривање на таткото и творецот на државата, ова е еден вид чин на грижа за нас и нашиот идентитет. Да застанеме тука пред големиот Стефан Немања значи еден вид покајание за сите години што ги заборавивме “, истакна Вучиќ.
Овој споменик, вели тој, е одличен затоа што приказната за нас е одлична.