Човекот познат како италијански „Робинзон Крусо“, кој живее сам на еден медитеранскиот остров повеќе од 30 години, рече дека под притисок на властите решил да го напушти островот и да се пресели во мал стан.
Мауро Моранди (81) се насукал на островот Будели близу Сардинија во 1989 година (познат по розовата песочна плажа), откако неговиот катамаран се расипал на пат кон Јужен Пацифик.
Моранди тогаш открил дека „чуварот“ на островот треба да се пензионира за два дена, па решил да се откаже од патувањето, да го продаде бродот и да ја преземе неговата улога.
Оттогаш, Моранди ги запознал сите карпи, дрвја и животински видови на тоа островче, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Моранди сега вели дека одлучил да го напушти островот кон крајот на месецов откако добил неколку закани за иселување од страна на властите на Националниот парк „Ла Мадалена“, кои ја водат Буделија од 2016 година и сакаат да го претворат островот во нешто што е опишано како „центар за еколошко образование“.
„Се откажав од борбата. По 32 години тука, се чувствувам многу тажно што заминувам“, рече Моранди.
Моранди, по потекло од Модена, во централна Италија, рече дека се преселува во мал стан во близина на Мадалена, најголемиот остров на архипелагот.
„Ќе живеам на периферијата на главниот град, така што ќе одам само на шопинг таму, а останатото време ќе бидам сам. Животот нема да ми се промени премногу, сепак ќе гледам во морето“, рече Моранди.
Со години го чуваше островот без никакви проблеми, ги расчистуваше неговите патеки, ги одржуваше плажите недопрени и ги подучуваше излетниците за неговиот екосистем.
Но, улогата на Моранди беше загрозена кога банкротираше приватната компанија која беше сопственик на островот.
Плановите за продажба на островот во 2013 година на Мајкл Харт, бизнисмен од Нов Зеланд, кој вети дека ќе го задржи Моранди, беа спречени по протестите и интервенцијата на италијанската влада.
Во 2016 година, судија од Сардинија донесе одлука островот да се врати во рацете на јавноста.