Австралија, која веќе го намали интервалот помеѓу втората и третата доза на вакцината против Ковид-19 од шест на пет месеци, планира дополнително да го скрати времето на чекање, изјави австралискиот министер за здравство Грег Хант.
Третата доза од вакцината ќе им биде понудена од 4 јануари на сите луѓе над 18 години кои ја примиле втората доза четири месеци порано, а потоа до крајот на јануари интервалот повторно ќе се намали на три месеци.
„Овие датуми се поставени како мерка на претпазливост за да се обезбеди рана и континуирана заштита за Австралијците“, рече Хант.
Повеќето држави вршат притисок врз владата да им дозволи на повеќе луѓе да ја земаат третата доза за да го запрат порастот од заразниот сој омикрон. Властите го намалија времето на чекање од шест на пет месеци пред две недели, соопштија агенциите.
Австралија се обидува да го забрза воведувањето на трета доза откако стана една од земјите со најголем број вакцинирани луѓе против Ковид-19 во светот, со повеќе од 90 отсто од лицата на возраст над 16 години кои примиле две дози.
По појавата на сојот омикрон, се поголем број земји го скратуваат времето на чекање за третата доза на помалку од шест месеци. Јужна Кореја, Велика Британија и Тајланд го скратија тој интервал на три месеци во декември.
И покрај рекордниот број случаи, властите се надеваат дека болниците нема да бидат под екстремен притисок поради новиот вид за кој се тврди дека е помалку опасен од другите видови.