Унгарија соопшти дека е регистриран рекорден број на смртни случаи од коронавирус, откако силниот налет на пандемијата доведе до голем притисок врз здравствениот систем на земјата.
Според здравствените власти, во последните 24 часа починале 195 лица, што ја надмина бројката од 193 починати во декември минатата година.
Бројот на хоспитализирани се искачи на скоро 10.300, што е речиси три пати повеќе отколку на почетокот на февруари, кога започна новиот бран на епидемија на коронавирусот.
Според Универзитетот „Џонс Хопкинс“, Унгарија е на седмото место во светот според бројот на смртни случаи од Ковид-19 на милион жители.
Официјалните лица се обидуваат да го ублажат ненадејното зголемување на заразените со нови ограничувања и програма за вакцинација, со што Унгарија е една од европските земји со најголем број вакцинирани.
Нова пратка од 100.000 дози вакцина од кинеската компанија „Синофарм“, која не е одобрена на ниво на Европска Унија, туку само во Унгарија, се очекува да пристигне во среда, објави министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, на Фејсбук.
Во Унгарија досега речиси 1,4 милион граѓани примиле барем една доза од вакцината.