Германија воведува уште построги мерки до 14 февруари

пред 3 години

Германија ќе воведе уште построги мерки на заклучување и нивно продолжување до 14 февруари. Канцеларката Ангела Меркел се состана со премиерите на федералните покраини, со кои договори нови мерки по 31 јануари.

Меркел и лидерите на покраините се договорија да воведат мерки за задолжително носење на високо квалитетни медицински заштитни маски во продавниците и во јавниот превоз. Ова вклучува таканаречени хируршки маски и маски попознати по ознаките ФФП2 и Н95.

Според новите правила, на граѓаните ќе им биде забрането да носат маски од ткаенина или шалови како замена за маски во јавниот превоз, пренесуваат германските медиуми. Покрај тоа, документот со нови мерки предвидува Федералното Министерство за труд и социјала да издава регулативи за работа од дома.

Според неа, работодавците мора да им дозволат на вработените да работат од дома секогаш кога е можно. Ова ќе ги намали контактите на работа, но исто така и на патот кон работата, што треба да го забави ширењето на коронавирусот. Исто така, од работодавците се бара да воспостават флексибилно работно време за сите оние кои треба да одат на работа за да избегнат метеж во јавниот превоз во раните утрински и попладневни часови.

Една од најважните теми на состанокот е одлуката за отворање на училишта. Но, најверојатно засега ќе продолжат онлајн часовите. Канцеларката Меркел е за продолжување на ваквиот режим во образованието, додека некои покраински лидери се против, пренесуваат германските медиуми.

Share
Scroll to Top