Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека неговата земја е подготвена да ја обнови породилната болница во Мариупол, опколениот град во јужна Украина, кој беше бомбардиран пред неколку дена.
„Грција е подготвена да го обнови родилиштето во Мариупол, центарот на грчкото малцинство во Украина, град кој го сакаме и стана симбол на военото варварство“, напиша премиерот на Твитер.
Минатата недела беа бомбардирани породилиште и детска болница, сместени во истата зграда во Мариупол, при што загинаа три лица, меѓу кои и едно дете. Грчкиот конзул во Мариупол Манолис Андрулакис, кој до пред неколку дена беше во подрумот на градот, беше евакуиран во Молдавија претходно оваа недела.
„Секој ден ситуацијата е се поопасна. Центарот на Мариупол беше уништен, педијатриската болница, театарот, библиотеката беа погодени. Ништо не остана недопрено!“, изјави тој за грчката мрежа OpenTv во петокот.
Москва соопшти дека нападот бил фабрикуван.
Грчката етничка заедница во Мариупол, која брои повеќе од 100.000 членови, тагува за смртта на најмалку 10 лица од почетокот на војната.
Повеќе од 11.000 украински бегалци, меѓу кои 3.000 малолетници, пристигнаа во Грција од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.