Дашак: Имаме нови информации, да се истражуваат понатаму лилјаците

пред 3 години

Питер Дашак, член на тимот на Светската здравствена организација (СЗО), која во моментов спроведува истрага за потеклото на КОВИД-19 во кинескиот град Вухан, рече дека е потребно да се работи на пронаоѓање генетски елементи на вирусот во пештери со лилјаци.

Дашак, кој е зоолог и експерт за болести на животни, рече дека тимот на СЗО во Вухан добил нови информации за тоа како вирусот, првпат идентификуван во градот на крајот на 2019 година, довел до пандемија.

Тој не објасни детално, но рече дека нема докази што би укажале на неговото потекло од лабораторијата, пренесува „Ројтерс“.

Агенцијата наведува дека тој бил вклучен во истражување за потеклото на тежок акутен респираторен синдром (САРС) во периодот 2002-2003 година, кој потекнува од лилјаци кои живеат во пештери во југозападната кинеска провинција Јунан.

„Слично истражување треба да се направи ако сакаме да го најдеме вистинското потекло на КОВИД-19“, изјави Дашак за агенцијата.

Тој изјави дека тимот од Вухан добил нови информации за тоа како вирусот довел до пандемија, но не објасни подетално.

„Имаме слика што се чини дека е дел од сценарио кое е поверојатно од другите можни“, рече британскиот научник.

Едно сценарио што тимот ќе го проучи повнимателно е можноста вирусот да циркулирал многу порано пред да биде идентификуван во Вухан.

Share
Scroll to Top